По повод францускиот предлог за одблокирање на патот на Северна Македонија кон ЕУ, Советот на амбасадори смета дека членството во ЕУ нема алтернативи и е не само од стратешко значење за нашата држава туку и безбедносно прашање за целиот регион.
Во оваа насока, Советот изразува благодарност кон напорите на Претседателот Макрон и кон Канцеларот Шолц како и кон другите лидери и дипломати на ЕУ и САД кои ја подржуваат интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
Во одсуство на интегралниот текст на Францускиот предлог кој ја бранува македонската јавност, и создава бројни негативни реакции кои го јакнат евроскептицизмот и национализмот во државата, Совет на Амбасадори смета дека треба најнапред да се добие целиот текст, внимателно да се нализира а потоа да се заземат позиции кои ќе поаѓаат од долгорочните државни интереси на државата и нејзините граѓани.
Совет на Амбасадори смета дека преговарачката рамка ќе претставува мултилатерален документ, кој ќе послужи како водилка за пристапување на државата- кандидат во Европската Унија. Советот изразува надеж дека земјите од ЕУ ќе усвојат таква рамка, која ќе го отсликува мултилатералниот карактер на документот, а Бугарија ќе биде на ниво на пријателска држава која сака соседната држава Северна Македонија да постане полноправна членка на ЕУ.
Советот смета дека ЕК треба да управува со механизмот за спроведување на„Преговарачката рамка“, а не Софија. На тој начин ќе се намали можноста за „зачестени блокади“ во пристапниот процес од што најмногу стравуваат граѓаните на Македонија. Совет на Амбасадори се надева и очекува ЕУ да има доволно чувство за реалистичка проценка на политичката состојба во Северна Македонија да не го условува почетокот на преговорите со донесувањето на уставните промени, туку таквата процедура да ја испланира за кога тоа ќе го дозволат политичките и општествените услови.
Совет на Амбасадори уште еднаш подвлекува дека сегашниот консенсуален начин на донесување на одлуки ја блокира Европската Унија и неодамнешната констатација на Канцеларот Олаф Шолц дека „ ЕУ треба да ги модернизира структурите за носење одлуки и процесите.„ го смета за
вистински патоказ кон реформирање во Унијата.
Совет на Амбасадори апелира до Владата да го сочува достоинството на нашите граѓани и да ги почитува и опстои црвените линии за зачувување на идентитетот и интегритетот на Република Северна Македонија.
Скопје, 21.06.2022 год. Извршен Одбор на СА